субота, 22. септембар 2012.

БУЧКОВЦИ  Е МОЕТО МААЛО


Во село Пожаране - „Бучковци-Маало“, лежат спомените на моето детство. Токму овие спомените од детството остануваат длабоко врежани во душата и траат се додека чука срцето. Но детството, како свет на приказни, игри, дружења, родителска грижа - љубов  и безброј  дни  исполнети со радост, многу брзо минува. Затоа, детскиот живот треба да се живее  среќно, безгрижно и весело и да не се ита по патот кој води во светот на  возрасните и грижите.
Тука, во „Бучковци-Маало“ бевме многу дечиња, кои поголеми, кои помали. Многу добро се сложувавме, си игравме. За тоа заслужни беа нашите родителите, кои не  учеа на вистинските вредности на животот уште од мали нозе.
Панорама од „Бучковци-Маало“
Нашето омилено место каде што се собиравме и игравме до доцните вечерни часови беше тумбата,  среде маало до селската чешма,  каде што имаше дрвена бандера и каде преку цела ноќ светеше светилка на селското улично осветление. Едноставно кажано,  тука ја трошевме сета своја детската енергија ...
 
 Тумбата, бандерата и казанот во маалото

Постарите, околу 19 часот ќе не повикаа на вечера а потоа повторно назад на играње, криенка, другарување до доцните вечерни часови. Бевме среќни и ние децата и нашите родители.
Иако во тоа  време немавме мобилни телефони, секогаш знаевме каде ни се другарчињата и домашните. Немавме ни интернет, но нашите училишни задачи ги завршувавме навремено, со ден  и без ничија помош. Немавме никакви грижи и мисли. Се ни беше розово и совршено.


Секогаш кога ќе дојдам во посета на моето село и гордо зачекорам по патеките низ „Бучковци-Маало“,  сеуште се чувствувам како дете и сакам ова малечко дете вечно да остане и живее во мене и мојата душа, присетувајќи ме на сите тие убави моменти и спомени.
 
 И ова е „Бучковци-Маало“

Без разлика колку време поминало од тогаш па се до денес,  секогаш ќе се носам со спомените на овој дел од мојот живот. Многу подобро ќе биде воопшто и да не се запрашаме зошто работите толку брзо и вртоглаво се изменија до денес, бидејќи тоа е сосема долга и широка приказна. Можеби некои ќе кажат дека не вреди да се зборува за тој минат период. Но како да не се сетиш на тие насмевки и мајски утра проследени од благиот ветер, топлото сонце, мирисите на штотуку расцутените цветови и детските невини среќни погледи.
 
Како да не се присетиш и не ги спомнеш аџе Голубе кој меѓу првите донесе тв-приемник во маалото, Драге -кооператорот, Драге-столарот и неговите браќа Лазе, Томе и Свете, Дедо Павле, Мерсел, браќата Емин, Џафер, и Нурдин, Шоип и Вајшо, Лиман и Осман, Междија и Деар, аџе Азир и  Емин Адемовиќ, на баба Драга, Менуша, Ката, Аника од кои многумина од нив за жал повеќе не се меѓу нас живите. Длабоко сум уверен дека во тоа време, во моето маало немаше дете што не го познаваше семејството на Ќамил кое долго време живееше просторно издвоен од другите, во својата семејна колиба се до трагичниот настан кога во пожар страдаа членови од неговото семејство.                                    
Да прикажуваш за „Бучковци “ а да не ги спомнеш околните места: „Ограда“, „Долно и Горно Оградиче“, „Каршија“, јагодарникот во „Багреми“, огромните камени блокови на   „Личкикамен“,, пространите цветни ливади во „Млаки“„Водинчкирит“, „Дупкишта, „Солишта“ „Почијалец“, „Чедроњивје“, „Диново“,„Арсланово“, големата тумба на „Игралиште“- е исто како да воопшто ништо не си кажал за ова маало.
 Вишните, маалското „Џаде“ и терените за скијање
Во тоа време маалото беше исполнето со детски жагор на секој чекор и во секое време.Спомените во зима, на високата снежна покривка и скијачките  стази низ ливадата на Мифтар, муслиманските гробишта и маалското „Џаде“, во лето на дудинката на  Голубе,  летна јаболкница - петровка на Павле, крушите ранки на Драге, црешите на Вајшо, оревите на Мифтар, вишните на Слободе Мирков, сториите и приказните во столарската работилница   на мајстор Драге. 

 
 
Додека постарите вареа ракија во казанот среде селското маало, ние децата печевме пченки во распламнатото жариште од огништето.Со денови се собираше летнина по околните ниви  како и овошки и зеленчук по градините.

 Денес за жал,  тука во моето маало, дури и изгревот на сонцето повеќе не е како порано. Тешките метални катанци поставени на влезовите од трошните куќи го заклучија животот во многу домови, чекајќи сепак некој да се сети на нив и барем за кратко ги отворни портите. Препуштени на забот на времето и без домаќинска грижа, носечкиот стожер на повеќе куќи, штали и плевни се свиткал до земја со крајна неизвесност за преживување до  наредната зима.
Овошната градина и патеката кон градините

Читајќи го овој текст, сигурно некој ќе каже дека тоа време поминало, дека сега пред нас стојат други времиња. Веднаш се предаваат во немоќ дека нема никогаш повеќе да го доживеат истото. Но јас нема да го сторам истото туку напротив, ќе чекам да ми дојде времето кога ќе можам да напишам нешто друго за  село Пожаране , да раскажам друга приказна како би можел да ги доловам сите други пропуштени насмевки од минатото ако ништо повеќе барем само колку да се знае и никогаш не избрише од нашите спомени. Знам и свесен сум за тоа дека деновиве минуваат а времево се повеќе и повеќе натежнува. И без разлика на ваквиот брз и вртоглав начин на живеење, секогаш ќе наоѓам време да го вклучам црвеното светло на семафорот, за да дојдам и поминам по патеките и сокаците на бескрајниот неспокој не само овде во Бучковци-Маало, туку и низ Волчевци, Печовци, Јанковци, Катрање, Бушевци , Долно Маало ,односно  низ целото село Пожаране.

Панорама од „Бучковци-Маало“
Ако во народната поговорка „на младите светот останува“, има нешто вистина, се надевам и длабоко сум убеден во тоа дека  токму оваа нова генерација на млади луѓе-пожаранци што доаѓа , ќе направи нови и далеку позначајни чекори од нас повозрасните во насока животот во ова село повторно да заживее ако не засекогаш барeм повремено во текот на  годините кои што следат односно наидуваат . И се така  ред по ред до бесконачност, додека постоиме ние, село Пожаране, додека постои светот...
__________________
  БОГЕ ВОЈНОСКИ - Авторот на текстот


Блогови со слична содржина:

http://pozaranskiterodovi.blogspot.com/
http://pozaranskicinar.blogspot.com/
http://pozarane.blogspot.com/
http://buckovci.blogspot.com/
http://pozaranskitevodopadi.blogspot.com/
http://pozaranevodenica.blogspot.com/
http://pozaranesokolec.blogspot.com/
http://pozaraneuciliste.blogspot.com/
http://pozaranskiprosvetiteli.blogspot.com/
http://dragevojnoski.blogspot.com/
http://pozaraneselo.blogspot.com/
http://pozaranedrama.blogspot.com/
http://pozaraneprikazna.blogspot.com/